27.12.2023 Скопје
Министерството за животна средина и просторно планирање утрово информира дека за град Скопје стапуваат на сила мерките при надминат праг на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри заради надминување на пропишаната гранична вредност во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
На мерната станица Лисиче Ректорат е измерено над 150 mg/m3 ПМ10 честички, особено пред два дена кога биле измерени 211.
Поради тоа на сила треба да стапат итните мерки за справување со загаденоста во Скопје, поради што надлежните институции дадоа препорака, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, бремените жени, лицата постари од 60 години, да бидат ослободени од работни обврски, со препорака од матичен лекар, како и избегнување на работа на отворено од 11 до 17 часот.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба. Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените институции и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Подготвено од М.Д.