09.12.2023 Скопје
Вучиќ утре ќе биде домаќин на Алијев и Радев, по повод почетокот на работата на Гасниот интерконектор.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, утре ќе биде домаќин на претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алиев, на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и на амбасадорот на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре во Ниш, по повод одбележувањето на почетокот на работата на гасниот интерконектор Србија-Бугарија.
За време на престојот во Ниш, предвидени се одделни билатерални средби на претседателот Вучиќ со претседателите на Република Азербејџан и на Република Бугарија, соопштија од Службата за соработка со медиумите на претседателот.
Предвидена е и презентација на опремата и можностите на единиците на Вооружените сили на Србија – системи за противвоздушна одбрана со беспилотни летала, беспилотни и пилотирани воздушни и копнени борбени платформи, како и можностите на падобранските и специјалните единици, се додава во соопштението.
Завршувањето на работите на гасоводот кон Бугарија ќе овозможи побезбедно и постабилно снабдување со гас за Србија од различни извори, особено од Азербејџан.
Изградбата на нов гасовод во должина од 109 километри од Ниш до Димитровград траеше 12 месеци. Вкупната должина на двонасочниот гасовод Србија-Бугарија е 170 километри, од Нови Искар, кај Софија, до Ниш.
Србија потпиша договор за интерконекција со Булгартрансгас и комерцијален договор за снабдување до 400 милиони кубни метри гас од Азербејџан до крајот на 2024 година.
Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија е 85,5 милиони евра. Проектот е делумно финансиран преку грантови од ЕУ, во износ од 49,6 милиони евра, како и поволен заем од 25 милиони евра од Европската инвестициска банка, кој Србија ќе го плати за делот од гасоводот што минува низ Србија.
За овој проект Република Србија издвои 15 милиони евра и за подготвителни работи и проектирање 7,5 милиони евра.
Гасот сочинува 13 отсто од потрошувачката на примарна енергија во Србија и досега можеше да се добие само од две влезни точки, преку гасоводот Балкански тек и од Унгарија.
Подготвено од А.Ѓ.