25.12.2023 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е одржана седница на Советот за национална безбедност бидејќи имало обид насилно да се преземат институциите на српската држава, потенцирајќи дека се уапсени повеќе од 35 лица.
Вчеравечер во третото обраќање до јавноста, српскиот претседател Вучиќ истакна дека „повеќе од 35 насилници се уапсени и акцијата ќе продолжи“. Воедно, додаде и дека двајца полицајци се повредени.
Тој додаде дека „има докази дека не биле вклучени учесниците на насилниот протест, како и дека има сведоци кои се подготвени да кажат дека се било подготвено“.
„Никој нема право да нанесува сериозни телесни повреди на нашите полицајци“, истакна Вучиќ.
„Тие се родители, тие се нечии деца. Имаме двајца тешко повредени полицајци досега. Едниот едвај го запре крварењето. Имаме повеќе повредени полицајци со полесни повреди или со нејасно утврден степен на повреда. Ги гаѓале со цигла што буквално лесно може да убие човек. Да не зборуваме за стаклото што падна преку визирот на лицето, рацете и нозете“, рече Вучиќ.
Тој уште еднаш им порача на граѓаните да не се грижат.
„Србија е сериозна земја, ќе се спротивставиме на сите и ќе ги победиме сите што сакаат да и наштетат на нашата земја. Ќе ја зачуваме волјата на граѓаните, ќе ги сочуваме и нив, но оние што сакаат да ја уништат нивната земја ќе бидат во место каде што треба да бидат“, рече Вучиќ.
Секретарот на Советот за национална безбедност, Ивица Дачиќ, порача дека политичките собири треба да се одвојат од упадите во државните институции и уривањето на уставниот поредок и додаде дека за денес во 15 часот закажал седница на Бирото.
„Станува збор за упад во институциите и уривање на уставниот поредок“, изјави Дачиќ по седницата на Советот за национална безбедност. Тој рече дека на седницата се разговарало и за влијанието на странските фактори.
Дачиќ рече дека листата „Србија против насилство“ во нејзиното име се бори против насилството, но дека користи насилство и дека сака да ја смени изборната волја.
Подготвено од А.Ѓ.