25.12.2023 Скопје
Министерката за здравство на Србија, Даница Грујичиќ, најави дека Законот за забрана на пушење на јавни места – кафулиња, ресторани, барови, стадиони, автобуски станици – ќе биде воведен во 2024 година.
Грујичиќ истакна дека законо е подготвен, „помина во Министерството за здравство и отиде во други министерства на усогласување“.
Постапката налага дури откако ќе се добие согласност од другите ресори, да започне јавна дискусија, потоа документот да биде усвоен од Владата на Србија и на крајот од Собранието.
Грујичиќ најпрвин најави дека законот ќе биде усвоен до крајот на оваа година, а потоа рокот е поместен за следната година. Ова не е првпат да се предлага целосна забрана за пушење во кафулињата и рестораните.
Таа одредба ја имаше и предлог-законот од 2009 година. Но, кога законот дојде на усвојување во парламентот, беа направени измени преку амандмани така што во 2010 година стапи на сила законот од кој беа изземени угостителските објекти. Кафулињата и рестораните воведоа само места за пушачи и непушачи за гостите.
Во повеќето европски земји, пушењето е забрането на јавни места, а некои земји отидоа подалеку од тоа – не можете да пушите никаде на отворено.
Министерката за здравство, професор Даница Грујичиќ, неодамна изјави дека од „витално значење“ е усвојувањето на измените на Законот за заштита на населението од изложеност на чад од тутун, со кои се забранува пушење во кафулињата и рестораните.
„Со оглед на тоа што 95 отсто од пациентите кои се лекуваат од рак на белите дробови се пушачи или пасивни пушачи, јасно е колку лошо никотинот влијае на белите дробови. Има и хронични белодробни заболувања од кои подоцна може да се развие рак. Влијанието врз крвните садови, особено на долните екстремитети – нозете, до коронарните крвни садови на срцето“, изјави Грујичиќ.
Таа додаде дека има јавна поддршка за донесување закон за забрана на пушење во угостителските објекти, оти истражувањата покажале дека 75 отсто од населението го поддржува ваквото законско решение.
Подготвено од А.Ѓ.