26.12.2023 Скопје
Од Институтот за јавно здравје на Република Српска соопштија дека досега во државата се потврдени 27 случаи на голема кашлица.
„Во Бања Лука се потврдени 23 случаи, а во Бјелина четири случаи“, велат од Институтот.
Ранко Шкрбиќ, претседателот на Здравствениот совет на Република Српска, претходно изјави дека голема кашлица се појавила во целиот регион и дека податоците укажуваат дека причината е само нередовна вакцинација.
Шкрбиќ апелираше до родителите да го следат календарот за вакцинација што го дефинира Институтот и редовно да ги вакцинираат децата бидејќи големата кашлица може да предизвика смртоносен исход кај бебињата кои немаат стекнато имунитет и не можат да експекторираат.
„Ги имаме вакцините, само треба да се придржуваме до календарот за вакцинација“, рече тогаш Шкрбиќ.
Да потсетиме дека пертусисот е многу заразна болест, која најчесто ги погодува малите деца.
„Болеста е предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis, која по влегувањето во респираторниот систем на домаќинот се размножува и создава токсин“, изјави претходно Јелена Ѓаковиќ Девиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје на Република Српска.
Таа истакна дека големата кашлица се пренесува преку капки, а првите симптоми се појавуваат седум до десет дена по инфекцијата.
„Во почетокот болеста се манифестира со симптоми на настинка, по што кашлицата станува поинтензивна и има напади на кашлица со карактеристично отежнато дишење, особено во текот на ноќта. Кај доенчињата клиничката слика не е типична, може да дојде и до прекин на дишењето.“, рече Ѓаковиќ Девиќ.
Таа објасни дека болеста може да помине без последици, но може да се појават и компликации како пневмонија, воспаление на средното уво, крварење во различни органи кои се јавуваат поради стрес, но и конвулзии.
„Терапијата е симптоматска и антибиотска. Најдобра заштита од оваа болест е редовното вакцинирање на децата“, посочува Ѓаковиќ Девиќ.
„Првата ревакцинација против дифтерија, тетанус и пертусис ја прават децата на возраст од 18 месеци, а втората ревакцинација ја прават децата од шест до седум години кога ќе се запишат во основно училиште“, додаде таа.
Како што рече таа, според податоците од минатата година, опфатот на вакцинација со првата доза против дифтерија, тетанус и пертусис за Република Српска е 93 отсто, но пад е забележан кај опфатот со ревакцинации и во 2022 година изнесува 65,6 проценти за цела Српска.
Подготвено од А.Ѓ.