25.12.2023 Скопје
Витамините и минералите, кои ни се неопходни, а често ги земаме како додатоци во исхраната, треба да се земаат според некои правила. Повеќето луѓе ги сметаат за гаранција за добро здравје и ги пијат во секое време, мислејќи дека не можат да си направат никаква штета.
Далеку од тоа! Земањето витамини и минерали без оправдана потреба носи свои ризици, а доколку се покаже потреба од одреден додаток во исхраната, треба да се придржувате до советите кои витамини и минерали е подобро да се земаат наутро, а кои навечер. Наутро ни е потребна енергија за секојдневните задачи, а навечер за согорување на маснотиите и отстранување на токсините од телото.
Кои се растворливи во масти, а кои се растворливи во вода?
Многу е важно да знаеме дали витамините што ги земаме се растворливи во вода или растворливи во масти, бидејќи оние растворливите во масти мора да се земаат со оброк. Има само четири витамини растворливи во масти: А, Д, Е и К. Исто така, по одреден период од нивното земање, се советува да се направи пауза за да се искористат нивните резерви складирани во телесните масти. Другите витамини се растворливи во вода, а нивниот вишок редовно се елиминира во урината.
ВИТАМИН Ц е еден од најпотребните витамини и брзо се излачува, па затоа е потребно почесто да се зема. Сепак, не треба да се зема навечер бидејќи ве буди. Добар сојузник е за луѓето со бавен метаболизам, а на сите им е неопходен за време на настинки и грип, бидејќи покачената температура трипати ја намалува нејзината количина во организмот. Земете го наутро.
ЖЕЛЕЗОТО е минерал кој треба да се зема на празен стомак за подобра апсорпција. Кога го користите, треба да избегнувате кофеин, кој негативно влијае на неговата апсорпција, како и млечните производи поради калциумот. Кога земате железо како додаток во исхраната или во сокови (цвекло, аронија, капина), почекајте со оброк од млеко и внес на кофеин најмалку еден час по нивното консумирање.
За време на ручекот земете одредени витамини растворливи во масти (Е и А), цинк и селен, додека навечер ви препорачуваме витамини и минерали поврзани со здравјето на коските: витамин Д, калциум, магнезиум и омега-3 масни киселини. Имено, витаминот Д ќе ја зголеми апсорпцијата на калциумот, а добро е и да се зема во комбинација со омега-3 масни киселини. Калциумот влијае на мускулните контракции, вклучувајќи го и срцето, а магнезиумот делува како релаксант.
Калциумот и магнезиумот секогаш треба да се земаат во сооднос 2:1 бидејќи тоа е нивната физиолошка врска во телото. Магнезиумот штити од таложење на калциум во организмот, особено во уринарниот тракт. За неговата ресорпција да биде целосна, потребен е витамин Д.
Железото не треба да се зема со калциум, цинк и витамин Е, туку може да се зема со витамин Ц, додека цинкот не треба да се зема во комбинација со витамин Б9 и железо, туку по можност со магнезиум и калциум.
Мултивитамините или минералите треба да се земаат поединечно после јадење и со доволно течност за целосно искористување. Никогаш не земајте додатоци во исхраната самостојно, туку консултирајте се со лекар или фармацевт.
Подготвено од А.Ѓ.