13.12.2023 Скопје
Владата по предлог на Министерството за труд и социјална политика денес го утврди текстот на предлогот на законот за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.
Според образложението од страна на предлагачот, Министерството за труд и социјална политика, со овој закон се стимулира зголемувањето на платите на вработените, како и намалување на трошоците за работната сила на работодавците.
Од Владата соопштуваат дека целта на предлогот на законот е поттикнување на работодавците да исплаќаат плата во повисок износ, намалување на даночната евазија и неформалната економија, а се со цел подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот развој на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија по предлог на Министерството за труд и социјална политика го утврди и текстот на предлогот на закон за правда на децата.
Предложениот закон за правда на децата се очекува да допринесе кон остварување на најдобриот интерес на децата преку унапредување на правната рамка на правата на децата, како и кон унапредување на социјалната инклузија и недискриминација на децата во Република Северна Македонија.
Според образложеното, со законот за правда на децата ќе се направи усогласување со директивата на Европскиот парламент за процедурални заштитни мерки за деца осомничени или обвинети во кривичната постапка и со европските директиви за утврдување минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминалот.
Подготвено од М.Д.