11.12.2023 Скопје
Во организација на Министерството за транспорт и врски и Секретаријатот на Транспортната заедница утре во Скопје ќе се одржи Министерскиот совет со учество на министрите за транспорт на земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина.
На Министерскиот совет ќе се дебатира за напредокот на земјите во делот на реализацијата на инфраструктурните проекти на главните коридори од ТЕН-Т мрежата (европски коридори), како и за напредокот на усогласување на транспортната политика со законодавството на Европската Унија.
Министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Благој Бочварски, ќе се обрати на состанокот, а покрај него се очекува да се обратат и министрите за транспорт на Албанија, Србија и Грузија, како и претставници од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Молдавија.
Се предвидува онлајн вклучување на министерот за инфраструктура и на Украина. Ќе присуствуваат и претставници од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.
Во рамки на Министерскиот совет, Бочварски ќе оствари билатерални средби со министрите од Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и со претставници од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција.
Подготвено од М.Д.