pestaloci shkolo

04.12.2023 Скопје

На денешната прес-конференција на која беа изнесени детали за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски изјави дека од тројца од петтемина инволвирани, за кои постојат основи на сомнение во овој момент дека се извршители на овие кривично-правни дејствија, имаат признание за целокупниот нивни ангажман, за текот на настанот, кој какви дејствија презел и кој со што и зошто бил задолжен во текот на сите овие активности преземни од нивна страна.

На 27 ноември беше пријавено исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, додека пак 74-годишниот велешанец Панче Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември во СВР Велес.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека 14-годишната Вања била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата и ѝ биле врзани рацете и нозете и била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепекот на возилото „цитроен“. Пред возилото имало друг автомобил – „рено канго“ коешто цело време се движело пред нив. Малото девојче било однесено на локација надвор од Скопје, во атарот на село Бразда, Чучер Сандево, каде е извршено убиството, а потоа е запалено возилото со коешто е грабната. Малата Вања е убиена поради обид да се изнудат пари од мајката на девојчето. Но, досега полицијата нема информации дека некој побарал пари за откуп, ниту пак дека биле исплатени средства на грабнувачите.

Според изјавите на осомничените, тие претходно вечерта од таткото добиле информации дека Вања ќе оди на училиште сама, а воедно биле информирани за тоа кое време ќе го напушти домот.

Панче Жежовски бил грабнат поради наводен долг од 500 евра, но заднината била да му се одземе возилото, со коешто неколку дена подоцна е грабната Вања.

Во грозоморниот план учествувале пет лица – четворица од нив биле дел од група која што го осмислила планот за грабнување и го извршила суровото убиство, наводно откако ги фатила паника дека ќе бидат фатени.

Три лица се во притвор, дека организаторот и извршителот на делото, според полицијата, е во бегство. Трагата му се губи во Бугарија. Тој ја напуштил државата на 30 ноември, пред органите на прогонот да добијат информација за неговиот план и неговата инволвираност во убиствата. Со него е и неговиот адвокат.

„Ќе сторам сѐ, и јас и МВР, ова лице, овој монструм на кој му ја следиме трагата, час поскоро, штом стапне на наше тло, да биде изведено пред лицето на правдата“, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Учесниците на групата имаат извршено две кривични дела – грабнување поврзано со користољубие и две убиства, поради што се најавува дека ќе бидат гонети по кривични дела за коишто е предвидена најстрога казна во Северна Македонија.

Шок, неверување, тага и револт владее во земјата по веста за грозоморното убиство на 14-годишното девојче и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Се бара правда и најстроги казни за сторителите, како и одговорност за надлежните.

Тага и молк во основното училиште на убиената Вања Ѓорчевска. Во Ј.Х.Песталоци отворена книга на жалост. Се потпишуваат родители, познаници, но и соученици.

Наместо детски џагор, тишина низ школскиот двор.

Подготвено од М.Д.

 

About Author