02.12.2023 Скопје
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг му порача на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека „дојде време“ Турција да го ратификува документот за приклучување на Шведска во западната воена алијанса.
Турција и Унгарија се единствените членки на НАТО кои сè уште официјално не го одобрија приемот на Шведска.
Столтенберг изјави дека за време на средбата со Ердоган, на маргините на климатскиот самит COP28 во Дубаи, ја повикал Турција да го заврши пристапниот процес на Шведска.
„Утрово се сретнав со претседателот Ердоган и ја повторив мојата порака дека е дојдено време да се финализира процесот на пристапување на Шведска. Не можам да дадам точен датум, но го поздравувам фактот што пред неколку недели претседателот Ердоган ги достави документите за ратификација до парламентот“, нагласи секретарот.
Турција ја одложи ратификацијата повеќе од една година, обвинувајќи ја Шведска дека не ги сфаќа доволно сериозно турските безбедносни грижи, вклучително и борбата против курдските милитанти и другите групи кои Анкара ги смета за закана.
Шведска и Финска, кои се приклучија на НАТО во април, ја напуштија својата политика на неутралност и аплицираа за членство во алијансата по руската инвазија на Украина. За да се добијат нови членови, сите постоечки членови мора да ја одобрат одлуката.
Подготвено од А.Ѓ.