05.12.2023 Скопје
Spotify ја намали својата работна сила за 17 проценти за да ги исполни финансиските цели.
Во пораката испратена до сите работници, како и објавена на официјалната веб-страница, компанијата Spotify најави дека ќе отпушти 1.500 вработени, што е речиси една петтина од сегашната работна сила, се со цел да стане „попродуктивна и поефикасна“.
Даниел Ек, основач и извршен директор на гигантот за стриминг музика, вели дека одлуката е клучна за компанијата правилно да се справи со „предизвиците што претстојат“. Ек како причини ги наведе бавниот економски раст и зголемените трошоци.
„Јасно ми е дека тоа ќе влијае на голем број поединци кои дале вредни придонеси“, вели Ек. „Ќе не напуштат многу паметни, талентирани и вредни луѓе“.
Ова не е прво големо отпуштање што стриминг гигантот мораше да го направи оваа година. Неколку стотици луѓе беа отпуштени во јануари, а шест отсто од работните места беа укинати во јуни годинава.
И покрај растот на цените на услугите, според објавениот извештај за заработка, компанијата прикажа силни финансии, пораст на бројот на активни корисници, како и пораст на бројот на месечни претплатници во третиот квартал. Се предвидува дека овој позитивен тренд ќе продолжи и во четвртиот квартал.
Потегот на Spotify е само еден во низата слични потези во технолошкиот сектор, во кој над 225.000 луѓе останаа без работа од почетокот на годината.
Подготвено од А.Ѓ.