01.12.2023 Скопје
„Министерството за внатрешни работи прави сѐ и преземени се низа мерки за наоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска која исчезна во понеделникот“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски истакна дека во моментов не може да споделува никакви информации во врска со исчезнатото девојче, туку само што има преземено досега полицијата.
„Никакви детални информации во овој момент не може да дадеме, сега можам да кажам податоци за постапката, што е она што се презема. Секогаш кога ќе имаме релевантни податоци ќе споделиме со јавноста“, кажа Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за резултатите од недозволена трговија со дрога од 2017-2023 година.
Министерот за внатрешни работи истакна дека е пребарувано речното корито на Вардар, а пребарувани се и сите подрумски простории не само во околината туку и пошироко, како и дека се бараат информации од црквите и манастирите во близина на Скопје.
„Посебен штаб од СВР Скопје работи заедно со родителите, познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче. Вклучени се стотици полициски службеници кои деноноќно работат на овој случај. Преземаме опсежни мерки за искористување на сите можни капацитети за јавна безбедност. Преку 50 камери односни места каде што има камери се преземи и прегледани, целосно е во функција системот безбеден град, сите податоци од телекомуникациските операторите се земени, сослушани се десетици и десетици лица од кои се земени податоци и информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и девојчето, кои се вештачат и веќе имаме одредени податоци од овие уреди кои можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка“, истакна министерот Спасовски.
Подготвено од М.Д.