14.12.2023 Скопје
Сопствениците на викендички, напуштени куќи во планинските и руралните делови на државава, имоти на луѓе кои со години се во странство, во иднина ќе плаќаат фиксна такса наречена „мрежен пристап“ на сметките за струја.
Иако станува збор за објекти до кои сопствениците ретко можат да дојдат – таков „данок на луксуз“ ќе треба да се плати бидејќи одржувањето на мрежата е многу скапо. Надлежните велат дека целта е со креативни решенија да се заштитат редовните потрошувачи.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека новата такса „пристап до мрежа“ ќе влезе во дел од сметките за струја. Со новата одлука мрежната такса за дистрибуција би била намалена за 20 отсто.
Бислимоски смета дека не е фер постојаните потрошувачи со еден стан да плаќаат повеќе.
„Дали е проблем некој што има пет стана да плати дополнителни 100 денари? Се прават анализи колку ќе биде тој надоместок, но ќе биде меѓу 50 и 250 денари“, вели тој.
Според него, оваа давачка е поправедна кон сите останати кои редовно плаќаат струја.
Подготвено од А.Ѓ.