marichikj i fajon

01.12.2023 Скопје

Денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, потпишаа Меморандум за меѓународна развојна соработка за периодот 2023-2024 година врз основа на договорот за Развојна соработка потпишан уште во 2004 година.

Владата на Словенија со 1,3 милиони евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување на отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро, а со 225 илјади евра изградбата на хидроцентралата Б на браната Кнежево во општина Кратово чиј вкупен буџет изнесува 450 илјади евра.

Согласно Меморандумот, со 224 илјади евра Владата на Словенија ќе ја помогне изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани чиј вкупен буџет изнесува 448 илјади евра, со 100 илјади евра ќе го кофинансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип, а со 50 илјади евра ќе помогне во поставувањето соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 100 илјади евра.

На прес-конференцијата во Владата по потпишувањето на Меморандумот, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека станува збор за проекти што ќе им донесат сериозни директни придобивки на граѓаните на овие пет македонски општини, но и на целата држава.

„Добрите искуства со подготовката и евалуацијата на проектите ќе се пренесат и во наредниот циклус. Уште на почетокот на 2024 година ќе започнеме со координација за нови проекти за следниот меморандум за разбирање кој ќе важи за 2025 и 2026 година“, додаде Маричиќ.

Маричиќ, воедно, нагласи дека Република Словенија на овој начин влегува во врвот на билатералните донатори на земјава.

„Покрај поддршката што ја добиваме од Словенија за инвестициските инфраструктурни проекти за нас многу важна е техничката поддршка во делот на процесот на интеграција со Европската Унија. За финансирање на овој вид активности ќе ни бидат ставени на располагање речиси 260 илјади евра. Нашите институции имаат одлична соработка со Центарот за европска перспектива, особено во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата што значително придонесува за транспонирање и имплементација на правото на ЕУ во рамките на важното поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност“, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ истакна и дека покрај билатералната развојна соработка имаме огромен потенцијал за соработка и во рамки на ИПА инструментите, како што се твининг и таекс. Исто така, исклучително важни се и проектите за усогласување на националните системи со барањата на ЕУ за гранично управување.

Словенија силно го поддржа и новиот пакет за проширување на ЕУ до 2030 година со земјите од Западен Балкан и секогаш во сите свои заложби на посебно место и како приоритет ја става земјава.

Вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, истакна дека Република Словенија е присутна тука со сите свои развојни институти со што јасно покажува колку многу се труди и во развојот и како партнери на Република Северна Македонија.

„Посакувам Република Северна Македонија да го продолжи европскиот пат и на следната меѓувладина конференција кога ќе се отвори првиот кластер на преговори, Република Словенија ќе ја понуди својата помош“, додаде Фајон.

Подготвено од М.Д.

About Author