https://sk.wikipedia.org/wiki/%C3%9Arad_vl%C3%A1dy_Slovenskej_republiky#/media/S%C3%BAbor:Episcopal_Summer_Palace_in_Bratislava,_in_2018.jpg

06.12.2023 Скопје

Со најавените измени на Кривичниот законик, Словачка би можела да се соочи со недостиг на ефикасни и соодветни санкции за прекршоци поврзани со злоупотреби на средства од европскиот буџет, што евентуално би резултирало со ограничување на пристапот на земјата од фондовите на Унијата.

Портпаролката на Канцеларијата на Јавното обвинителство на ЕУ, Тине Холевут, изјави дека според нивната прелиминарна анализа, загрижени се дека некои од предложените амандмани на словачкиот Кривичен законик повеќе нема да гарантираат дека прекршоците поврзани со буџетот на ЕУ во Словачка ќе се казнуваат со ефективни, соодветни и превентивни кривични санкции.

Според Холевут, Обвинителството „мошне внимателно“ ќе ги анализира предложените законски измени и нивното потенцијално влијание врз неговата работа.

Со измените на словачкиот Кривичен законик се предвидува намалување на казните за дела поврзани со измами со средства од фондовите на ЕУ, како и ограничување на надлежностите на правосудните институции задолжени за т.н. случаи на корупција од висок профил. Доколку ваквите промени бидат усвоени, европските институции би можеле да покренат постапка против Словачка или дури да и оневозможат користење средства од европските фондови, мерка каква што веќе и е изречена на Унгарија.

Еден од иницијаторите на писмото, европратеникот Мартин Хојсик од опозициската партија Прогресивна Словачка (ПС) изјави дека предлогот воопшто не претставува реформа на кривичната постапка, како што се обидува да прикаже словачкиот премиер Роберт Фицо.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author