21.12.2023 Скопје
Шпанската модна компанија Mango планира да отвори 500 нови продавници до 2026 година на клучните пазари како што се САД, Канада, Франција, Италија, Обединетото Кралство и Индија, како и во својата матична земја, објави компанијата, предвидувајќи скок во продажбата.
Ривалот на шпанскиот Индитекс, сопственикот на Зара, објави дека ќе ја затвори оваа година со приходи зголемени за 12 отсто во споредба со 2022 година, на над три милијарди евра, поддржани од влезот на брендот Манго во американските држави Тексас, Џорџија и Калифорнија.
Експанзијата на бизнисот, дел од тригодишниот стратешки план што треба да биде претставен во март, следи по неговото враќање во САД по два неуспешни обиди, каде што планира да го удвои бројот на продавници на 40 до следната година.
Годинава Манго отвори 130 нови продавници и реновира уште 80, а сега има околу 2.700 продажни места на вкупно 115 маркети.
Понатаму, семејната компанија објави дека ќе назначи уште четворица независни членови во одборот на директори, вклучувајќи го Марко Пуиг, претседател на шпанската козметичка групација Пуиг, сопственик на брендови како Каролина Херера, Пако Рабане и Шарлот Тилбери.
Пуиг, чија компанија размислува за првична јавна понуда, не презема удел во Манго, кој беше основан пред 40 години во Барселона од Исак Андиќ, моментално негов неизвршен претседател.
Манго од март ќе го прошири одборот на директори на девет членови за да го зајакне своето корпоративно управување, се вели во соопштението. Други нови членови на одборот се професорот на IESE Business School, Џорди Каналс, партнерот на AZ Capital, Хорхе Лукај,а и Џорди Констанс, директор на различни национални и меѓународни компании.
Исто така, Манго објави дека нејзиниот извршен директор Тони Руиз стана акционер откако купи пет отсто од акциите во компанијата.
Подготвено од А.Ѓ.