07.12.2023 Скопје
Ако одиме во кревет со главоболка, постои голема веројатност таа да се смири до утрото. Сепак, не сите имаат толку среќа. Според истражувањата, еден од тринаесет луѓе се буди со главоболка, а има неколку причини зошто тоа се случува.
Апнеја при спиење
Според невролозите, хроничните утрински главоболки обично се или мигрена или главоболки на напнатост. Мигрената е мачна болка на едната страна од главата, придружена со чувствителност на светлина или гадење.
Тензичните главоболки обично се чувствуваат како силен притисок околу главата. Поголема е веројатноста да ги доживеете ако страдате од анксиозност или депресија.
„Без оглед на видот на главоболката, таа може да биде последица на апнеја при спиење. Ако вашиот партнер се жали дека здивнувате, душите или се гушите и грчете гласно, големи се шансите да ја имате таа состојба“, изјави д-р Насими Шадбер.
Други симптоми на апнеја при спиење вклучуваат чувство на екстремен умор, тешкотии со концентрирање и промени во расположението.
Стругање на забите ноќе
Друга ноќна навика која би можела да биде виновник за утринската главоболка е крцкањето заби во сон или бруксизмот. Многумина од нас не се ни свесни дека тоа го правиме. Оваа навика може да создаде многу напнатост во вилицата, што пак може да предизвика силна утринска главоболка.
Лош сон
Лошиот квалитет на сон може да предизвика главоболки, додека подобрениот сон може да ги ослободи. Доколку страдате од несоница и лошо спиете, внимавајте на стресот, анксиозноста, депресијата и конзумирањето кофеин, алкохол и никотин и проверете ја околината во која спиете.
Експертите советуваат да одите во кревет и да се будите во исто време секој ден и да се опуштите со книга или топла бања пред спиење наместо да гледате телевизија. Редовното вежбање и затемнетата просторија исто така можат да помогнат.
Апчиња против болки
Пречестото или предолго земање лекови против болки може да предизвика главоболки.
Храна и пијалок
Алергиите и чувствителноста на храна може да предизвикаат мигрена, според истражувањето објавено во списанието за главоболка и болка.
Студијата од 2020 година објавена во списанието Nutrients покажа дека обработената храна, црвеното вино и зрелите сирења се вообичаени виновници. Кафето може да биде и причина за утринска главоболка. Кофеинот во попладневните часови треба да се избегнува.
Анксиозност или депресија
Ако страдате од анксиозност или депресија, можеби сте повеќе склони кон главоболки. Важно е да побарате помош од вашиот општ лекар ако мислите дека сте депресивни. Лекарот може да помогне и ако вашата анксиозност влијае на вашиот секојдневен живот или ви предизвикува проблеми.
Cancer Research UK препорачува да посетите лекар ако имате главоболки придружени со гадење, ако главоболката ве буди во текот на ноќта, ако имате проблеми со видот или ако главоболката се влошува во текот на неколку недели или месеци.
Подготвено од А.Ѓ.