velika britanija london

05.12.2023 Скопје

Високите нивоа на легална миграција доминираат на политичката сцена во Велика Британија повеќе од една деценија и беа клучен фактор во гласањето за напуштање на Европската унија на референдумот во 2016 година.

Британскиот премиер Риши Сунак вети дека ќе стекне поголема контрола врз миграцијата откако пратениците од неговата Конзервативна партија ги критикуваа неговите резултати по ова прашање пред изборите што се очекуваат следната година.

Стопанствениците и синдикатите ги оценија мерките како контрапродуктивни за приватниот сектор и државната здравствена служба, која страда од недостиг на работна сила.

Минатата година во Велика Британија се доселиле 745. 000 повеќе луѓе отколку што се иселиле. Mигрантите се главно од земји како Индија, Нигерија и Кина, наместо од ЕУ како што беше случајот претходно.

Министерот за внатрешни работи Џејмс Клеверли рече дека новите мерки би можеле да го намалат тој број за 300. 000.

Клеверли рече дека владата ќе ја зголеми минималната плата што странските квалификувани работници мора да ја заработуваат на 38. 700 фунти (околу 45.100 евра) годишно, што е значително зголемување од сегашните 26. 200 фунти (30. 536 евра). Од ова ќе бидат изземени здравствените и социјалните работници.

Другите мерки вклучуваат забрана за странски здравствени работници да носат членови на семејството во Велика Британија со својата виза, зголемување за 66 отсто на партиципацијата што мигрантите мора да ја платат за да користат здравствени услуги и зголемување на минималниот приход за семејните визи.

Подготвено од М.Д.

About Author