11.12.2023 Скопје
Од Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување во Србија соопштија дека од 1 јануари 2024 година ќе важат нови услови за пензионирање на жените, бидејќи старосната граница за пензионирање на жените се поместува за 2 месеци.
Со тоа условот за пензионирање во Србија ќе биде 63 години и 8 месеци живот и најмалку 15 години стаж на осигурување. Додека пак, за мажите и понатаму ќе важат истите услови, односно 65 години и најмалку 15 години стаж на осигурување.
Старосната граница за жените се поместува согласно одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој предвидува дека старосната граница за жените ќе се помести до 2032 година, кога ќе се изедначат условите и за жените и за мажите, па така и условот за пензија е да има 65 години и најмалку 15 години стаж на осигурување.
Осигурениците од двата пола може да го остварат правото на пензија и ако имаат навршено 45 години стаж на осигурување, без разлика на нивната возраст.
Кога станува збор за правото на предвремено пензионирање или старосна пензија, следната година завршува преодниот рок, односно поместувањето на условите за жените, па од 1 јануари 2024 година на двата пола ќе им требаат 40 години стаж и 60 години живот за да го остварат ова право.
Во овој случај, пензијата трајно се намалува за 0,34 отсто за секој месец пред навршување на пропишаната возраст за стекнување право на старосна пензија во таа календарска година, со најмногу 20,4 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.