13.12.2023 Скопје
Предизборната кампања за републичките, покраинските, белградските и локалните избори во Србија влегува во завршна фаза.
Во четврток на полноќ стапува на сила изборниот молк и завршува во недела во 20 часот со затворање на избирачките места.
Во недела, на 17 декември, 6.500.165 запишани избирачи ќе можат да го остварат своето право на глас на едно од вкупно 8.273 избирачки места.
Србите од Косово и Метохија ќе гласаат на избирачките места во јужниот дел на централна Србија – во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.
Граѓаните кои се пријавиле за гласање во странство може да го сторат тоа на 81 избирачко место што ќе бидат отворени во 31 земја.
Поради временската разлика во сабота ќе се организира гласање во Португалија, Обединетото Кралство, САД и Канада, додека останатите земји ќе гласаат в недела.
Гласачите кои го отслужуваат воениот рок ќе можат да гласаат на 36 избирачки места во повеќе општини, а ќе бидат отворени 29 места во казнените установи.
На републичките избори гласачите ќе можат да избираат од 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 пратенички места.
Утврдени се 13 изборни листи за покраинските избори, 14 за изборите за градското собрание во Белград, а локални избори ќе се организираат во вкупно 65 градови и општини.
За време на изборниот молк од 14 декември на полноќ до 17 декември во 20:00 часот, забрането е објавување оценки на изборните резултати на медиумите и јавните собири, презентирање кандидати или листи на изборите и нивните изборни програми и поканување гласачи.
На гласачкото место и на 50 метри од избирачкото место, забрането е истакнување на симболите на политичките партии и друг пропаганден материјал.
Законот за избор на народни пратеници предвидува казни за прекршување на правилата за изборен молк, како за правните, така и за физичките лица. Правилата важат за телевизија, радио, печатени медиуми и интернет медиумски портали, додека кампањата на социјалните мрежи не е регулирана со закон.
Секој граѓанин гласа на избирачкото место каде што е запишан во избирачкиот список.
Избирачките места се отвораат во 7:00 часот, а затвораат во 20:00 часот. Доколку некој случајно се најде на гласачкото место при затворање на избирачкото место или веднаш пред него, ќе му биде дозволено да гласа.
Избирачот може да гласа само под услов на гласачкото место да донесе еден од личните документи – важечка лична карта или пасош.
Рокот за доставување на поканата за гласање до граѓаните истече вчера, а пожелно е, но не и задолжително, тие да ја достават поканата на избирачкото место.
Подготвено од А.Ѓ.