21.12.2023 Скопје
Мапата на медицинскиот и безбедносен консултант Интернешнл СОС покажува дека Република Северна Македонија е земја со низок ризик во однос на климатските, медицинските и безбедносните промени.
Во Европа се наоѓаат сите најбезбедни земји: Исланд, Луксембург, Норвешка, Швајцарија и Данска.
Мапата проценува различни фактори за да ги информира патниците и бизнисите за потенцијалните закани во земјите ширум светот. Воедно, ги собира проценките на здравствениот и безбедносниот ризик, како одраз на влијанието на настаните како што се тековниот конфликт во Украина и војната меѓу Израел и Хамас.
Годинава за прв пат, мапата вклучува и оценки врз основа на опасностите од климатските промени.
Земјите се оценети за секоја ризична категорија – медицински, безбедносни и климатски промени – на скала од пет нивоа која се движи од „ниско“ до „многу високо“ за медицински и климатски промени и „незначително“ до „екстремно“ за безбедност.
Според Интернешмл СОС, Јужен Судан, Авганистан, Сирија, Либија и Сомалија се прогласени за најризични земји за 2024 година.
Во категоријата „безбедност“, Украина, Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Јемен, Јужен Судан, Централноафриканската Република и Сомалија добија највисоко ниво на предупредување „екстремно“.
Делови од Либан, Палестина и Русија забележаа зголемување на безбедносниот ризик, заедно со Еквадор и делови од Колумбија по зголемувањето на криминалот и немирите.
Во категоријата „медицина“, земјите означени како „многу висок“ ризик се Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Северна Кореја, Палестина, Хаити, Либија, Нигер, Буркина Фасо, Гвинеја, Гвинеја-Бисао, Сиера Леоне, Либерија, Судан, Јужен Судан, Централноафриканска Република, Еритреја, Бурунди и Сомалија.
Земји со „многу висок“ ризик во категоријата за климатски промени се: Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Чад, Нигер, Мали, Нигерија, Централноафриканската Република, Јужен Судан, Етиопија, Сомалија, Демократска Република Конго и Мозамбик.
Подготвено од М.Д.