04.12.2023 Скопје
Бугарската претседателска прес-служба објави дека претседателот Румен Радев има ставено вето на договорот за донација на вишокот оклопни транспортери на бугарското Министерство за внатрешни работи на Украина, што беше одобрен од бугарскиот парламент на 22 ноември.
Претседателот Радев посочи дека оклопните транспортери што ќе и бидат доставени на Украина може да се користат за заштита на бугарската граница и за помош на населението во случај на катастрофи и несреќи.
„Животот и здравјето на бугарските граѓани треба да бидат главен приоритет“, додаде Радев, испраќајќи го договорот назад во парламентот на повторно разгледување.
Претходно, пратениците го одобрија договорот меѓу бугарското Министерство за внатрешни работи и украинското Министерство за одбрана за бесплатно обезбедување на оклопна транспортна опрема.
Украина требаше да добие оклопни транспортни возила опремени со оружје што бугарското Министерство за внатрешни работи не ги користи, вкупно околу 100 оклопни транспортери, како и резервни делови.
Подготвено од А.Ѓ.