20.12.2023 Скопје
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, изјави дека конечно се обезбедени 560 милиони евра за завршување на последната фаза од изградбата на железничката пруга кон соседна Бугарија. Средствата се обезбедени од Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој, од Европската унија преку ВБИФ грант како и преку ИПА програмата.
Со обезбедување на оваа сума, се заокружува финансирањето на проектот за изградба на железниџата до границата со Бугарија, попозната уште како коридор 8.
Министерот нагласи дека се обезбедени средства во износ од 175 милиони евра од Европската инвестициска банка, 175 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант во износ од 149 милиони евра од ЕУ преку ВБИФ и 60,77 милиони евра преку ИПА програмата.
По потпишување на договорите за заем со ЕИБ и ЕБОР во Скопје, тој истакна дека ова е значајна финансиска поддршка за конечно да се заврши еден крупен и децениски инфраструктурен проект кој е од голема важност за две земји како што се Бугарија и Република Северна Македонија.
Подготвено од М.Д.