nafta

04.12.2023 Скопје

Претседателот на климатскиот самит COP28, кој моментално се одржува во Дубаи, Султан Ал Џабер, предизвика бурни реакции од научната заедница откако се појави дека тој неодамна изјавил дека за постигнување на климатските цели не е потребно откажување од фосилните горива.

Имено, тој неодамна на форум за климатски промени изјави дека нема научни докази дека е неопходно да се откаже од фосилните горива за да се одржи глобалното затоплување на ниво од 1,5 степени Целзиусови во однос на периодот пред индустријализацијата.

Овој емиратски бизнисмен, не е никој друг туку претставник за климата на Емиратите и е претседател на одборот на директори на неговата компанија за обновлива енергија. Но, во исто време е и претседател на државната нафтена компанија АДНОЦ.

Портпаролот на COP28 изјави дека истакнувањето на приказната е „само уште еден обид да се поткопа агендата на Претседателството, која беше јасна и транспарентна и поддржана од опипливите достигнувања на претседателот на COP и неговиот тим“.

Научните извештаи покажаа дека фосилните горива мора брзо да се намалат за да се одржи глобалното затоплување под 1,5 степени – целта на климатскиот договор во Париз и прагот над кој научниците предупредуваат дека ќе биде потешко за луѓето и екосистемите да се прилагодат.

Мери Робинсон, поранешна претседателка на Ирска и актуелен претседавач со Групата Елдерс, независна група на глобални лидери, го праша Ал Џабер дали би бил за постепено укинување на фосилните горива.

Во својот одговор, Ал Џабер и рекол на Робинсон: „нема научен доказ, или никакво сценарио, кое вели дека е неопходно постепено укинување на фосилните горива за да се исполни целта од 1,5 степени“.

Ал Џабер рече дека постигнувањето на целта од 1,5 степени е негова главна цел, како и дека се ближи крајот на користењето на фосилните горива, но дека е неопходно да се биде реален, сериозен и прагматичен.

Продолжувајќи со својот одговор, тој додаде дека сè уште никој не му покажал начин да престане да користи фосилни горива на социјално и економски одржлив начин „освен ако не сакате да ги вратите луѓето назад во пештерите“.

За евиденција, климатскиот самит предвидува заедно со напуштањето на фосилните горива да им се помогне технолошки да се подготват и на посиромашните земји, поради што е договорено да се формира соодветен фонд. Научниот консензус е дека е неопходно да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, што подразбира постепено напуштање на фосилните горива.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author