ljupcho palevski palchoo

14.12.2023 Скопје

Откако Министерството за правда на Турција потврди дека го добило барањето за екстрадиција на првоосомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес, Љупчо Палевски, Министерство за правда соопшти дека иако барањето за екстрадиција е добро подготвено, оваа постапка може да трае со месеци.

По добивањето на барањето за екстрадиција може да се случи Турција да побара дополнителна документација, а од Министерство велат дека се подготвени да одговорат на сите нивни барања.

Палевски, кој во моментов е во четириесетдневен екстрадиционен притвор, може да поднесе жалба и додека трае екстрадициската постапка, а турските власти немаат обврска официјално да го информираат Скопје за тоа.

Заменик министерката за правда Аврамовска Мадиќ е оптимист и смета дека не треба да има проблем со екстрадицијата.

Претседателот Стево Пендаровски вчера му испрати порака на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со екстрадицијата на Палевски, но од неговиот кабинет не открија повеќе детали.

Пендаровски претходно рече дека размислува да му испрати порака на Ердоган со барање дека е многу важно Палевски што поскоро да биде екстрадиран во државава.

Љупчо Палевски е главен осомничен за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска (14) и Панча Жежовски (74), а како коизвршители и соучесници се осомничени уште пет лица и сите се во притвор. Од Обвинителството засега не откриваат нови детали од истрагата.

Од Одделот за меѓународна правна помош при Министерството за правда велат дека Турција отсега нема да ги информира за ништо поврзано со случајот додека не се донесе одлука за екстрадиција на Палевски.

Локалните медиуми пишуваат дека Палевски би можел да побара азил во Турција или, како што велат, да се обиде да се пазари со тамошните власти доколку има одредени информации.

Во тој ресор потенцираат дека Палевски ќе ги искористи сите средства што му стојат на располагање за да избегне екстрадиција во Скопје.

„За нас овој случај е чист, Министерството за правда на Турција ја има сета потребна документација за да донесе одлука, доколку е потребно нешто дополнително секако ќе го обезбедиме, иако во предистражни постапки повеќе од наведеното во билатерални договори и конвенции ретко се бара“, велат од Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда.

Тие додаваат дека имаат мало искуство со Турција со екстрадиција, со оглед на тоа што македонските граѓани, како што велат, ретко бегаат во таа земја, но приоритет им се западноевропските земји, пред се Германија, каде што постапката за екстрадиција може да трае и до една година.

Министерството за правда апелираше да не се политизира случајот со двојното убиство, бидејќи тоа може да му наштети на процесот.

Апелираа и до политичките партии и нивните лидери да се воздржат од коментирање и добивање политички поени за овој случај.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author