08.12.2023 Скопје
„Оваа трагедија ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност, но по најскапата цена – човечки животи“, наведуваат од Сојузот на средношколци.
Сојузот на средношколци упати најдлабоко сочувство до блиските на жртвите од последната трагедија, но и до сите деца, родители и граѓани. Оттаму истакнуваат дека нема достојни зборови кои можат да ја опишат тагата и потресеност по овие грозоморни настани.
„Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфорт како млади. Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, додаваат оттаму.
Сојузот ги потенцира дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи.
„Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат“, истакнуваат од Сојузот на средношколци.
Сојузот на средношколци додаде: „Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сѐ уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознаеност со демократскиот систем, процеси и движења“.
Сојузот ја потсетува јавноста дека една од неговите главни заложби е зголеменото образование токму во овие области, за спречување и подобро менаџирање на ваквите ситуации во иднината.
Подготвено од М.Д.