18.12.2023 Скопје
Да се живее некаде е поскапо, некаде поевтино. Но, за овие градови, ако сакате да живеете и да уживате во нив, треба да имате прилично длабок џеб.
Сите го чувствуваме влијанието на светската криза врз трошоците за живот, а жителите на големите градови го чувствуваат тоа посилно. Според истражувањата, годинава е забележан скок на трошоците за 7,4 отсто, а поскапеле првенствено прехранбените производи. Иако овој скок е нешто помал од ланскиот (8,1 отсто), нема индикации дека поскапувањата ќе запрат во текот на следната година.
Како најскапи градови за живеење годинава, Сингапур, минатогодишниот победник и Цирих, кој скокна на првото место од ланското шесто место, се изедначени. Покрај храната, која секаде е скапа, облеката и превозот се многу скапи во Сингапур, а рекреацијата и потребите за домување се скапи во Цирих.
Њујорк, кој е секогаш на врвот по цени, годинава го дели третото место со Женева, Хонг Конг е на петто место, а по него е Лос Анџелес. Во ТОП 10 се и Париз, Тел Авив, Копенхаген и Сан Франциско.
Најголем пад забележаа Москва и Св. Петербург. Секако, спроти најскапите градови, ги има и најевтините. Годинава тоа се Дамаск, Техеран и Триполи, па ако вашето патување ве однесе до некој од нив, не мора да се плашите од банкрот.
Подготвено од А.Ѓ.