https://www.flickr.com/photos/european_parliament/17677974919

01.12.2023 Скопје

„Европската унија треба прво да потпише договор за стратешко партнерство со Украина наместо да ги започне преговорите за членство со земјата“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер Орбан го посочи патот до можен компромис пред клучниот самит на ЕУ.

Во средината на декември, 27-те земји на ЕУ треба да одлучат дали ќе ја прифатат препораката на Европската комисија да го покани Киев да ги започне преговорите за членство веднаш штом ќе ги исполни последните услови, иако се бори да одбие руска инвазија. Ваквата одлука бара едногласност од 27-те членки на блокот, а Унгарија се смета за главна потенцијална пречка.

Орбан во неколку наврати изјави дека Унгарија нема да го поддржи предлогот на Комисијата во сегашната форма. Воедно, тој денеска повтори дека ќе треба да се разјаснат неколку прашања пред да започнат преговорите за членство со Украина, велејќи дека е невозможно да се процени какви последици би имало членството на Украина врз блокот.

„Ако не знаеме (какви последици би имало) тогаш не треба да започнуваме разговори… Затоа ќе се залагам за ставот дека ЕУ прво треба да потпише договор за стратешко партнерство со Украина. Овој (договор) би можел да трае до 5-10 години, да ги приближиме, бидејќи јазот сега е преголем. Да дадеме време да работиме заедно, а кога ќе видиме дека можеме да работиме заедно, тогаш да го поставиме прашањето за членство“, посочи тој.

Предлогот на Орбан доаѓа еден ден откако претставниците на ЕУ во четвртокот рекоа дека Унгарија е блиску до отклучување на пристапот до милијарди евра од фондовите на ЕУ што Брисел ги суспендираше поради загриженоста дека Будимпешта ги поткопа демократските контроли и рамнотежи на земјата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author