Image by wirestock on Freepik

20.12.2023 Скопје

Најмалку 100 слонови умреле поради суша во изминатите неколку недели во Хванге, најголемиот национален парк во Зимбабве.

Властите во Зимбабве предупредуваат дека повеќе слонови би можеле да умрат бидејќи прогнозите укажуваат на недостаток на дожд и зголемување на температурите во делови од јужноафриканската земја, вклучително и во националниот парк Хванге.

Телата на мртвите слонови се „застрашувачки индикатор“ за она што властите за диви животни и групите за застапување го нарекуваат „влијанието на климатските промени и временскиот феномен Ел Нињо“.

Меѓународниот фонд за благосостојба на животните предупреди дека слоновите и другите животни се загрозени.

„Ел Нињо ја влошува и онака страшната ситуација“, рече портпаролот на Управата за национални паркови и диви животни на Зимбабве, Тинаше Фараво.

Фараво нагласи дека најпогодени се младите, старите и болните слонови, кои не можат да патуваат на долги растојанија за да најдат вода и посочи дека слон со просечна големина треба да внесува околу 200 литри вода дневно.

Ел Нињо е природен, периодичен временски феномен кој предизвикува загревање на делови од Пацификот, а со тоа влијае на временските обрасци ширум светот.

Истражувањата покажуваат дека е можно климатските промени да го зајакнуваат Ел Нињо, што доведува до поекстремни последици.

Властите во Зимбабве стравуваат од повторување на 2019 година, кога повеќе од 200 слонови во Хванге умреа за време на силна суша.

Во националниот парк Хванге има околу 45.000 слонови, како и повеќе од 100 други видови цицачи и 400 видови птици.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author