https://www.facebook.com/photo.php?fbid=704815164332922&set=pb.100044133352457.-2207520000.&type=3

21.12.2023 Скопје

Парламентот на Албанија денеска го одобри барањето на обвинителството за одземање на имунитетот на поранешниот премиер на земјата и лидер на Демократската партија, Саљи Бериша, со што се отвори пат за негово апсење.

Собранието за само неколку минути го изгласа барањето на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, познато како СПАК, со поддршка на 75 од вкупно 140 пратеници, пишува Албанската пошта.

Бериша одби да зборува на почетокот на пленарната седница, а пратениците од опозицијата се обидоа да спречат таква одлука и запалија цигари во собраниската сала.

Опозициските пратеници одбија да зборуваат и да ги слушнат извештаите на Собранието за усвојувањето на барањето на СПАК.

По донесувањето на одлуката за одземање на имунитетот, Бериша рече дека тоа е неуставна и антидемократска одлука.

„Јас сум посилен од кога било! Порешителен од кога и да е во одбрана на правото на опозицијата на дејствување. Нема сила во светот што може да ги победи идеалите на демократијата“, рече Бериша.

На митингот со своите симпатизери Бериша постојано го подвлекуваше фактот дека секој четврток, кога има пленарни седници во парламентот, ќе биде ден на протест на албанската опозиција.

Обвинителството минатата недела побара од пратениците да му го одземат имунитетот на Бериша бидејќи тој наводно не ја почитувал наредбата да се јавува во обвинителството неделно, како и да не патува во странство додека против него се води истрага за корупција.

Поранешниот премиер на Албанија во октомври беше обвинет за корупција за наводна злоупотреба на положбата за да му помогне на својот зет Јарамбер Малтези да купи земјиште во Тирана во сопственост на граѓани и албанското Министерство за одбрана, како и да изгради 17 станбени згради во главниот град.

Бериша и Малтези ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека претставуваат политички потег на владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама, која има доволно пратеници во парламентот сама да донесе одлука по ова прашање.

Бериша беше премиер на Албанија од 2005 до 2013 година и претседател на таа земја од 1992 до 1997 година, а претходните две години САД и Велика Британија му забранија влез во земјата поради неговата наводна вмешаност во корупција.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author