01.12.2023 Скопје
САД воведоа санкции против осум севернокорејски агенти со седиште во странство и кибер шпионската група Кимсуки, откако Пјонгјанг лансираше шпионски сателит минатата недела.
Според соопштението на американското Министерство за финансии, воведени се санкции за осум агенти обвинети од Вашингтон за олеснување на избегнувањето на санкциите, вклучително и создавање приходи и набавка на технологија за оружје за масовно уништување.
Американското Министерство за финансии соопшти дека вовело санкции за кибер шпионската група Кимсуки, која ја обвинува за собирање разузнавачки информации за поддршка на стратешките и нуклеарните амбиции на Северна Кореја.
САД ги воведоа санкциите во координација со Австралија, Јапонија и Јужна Кореја, откако Северна Кореја успешно го лансираше својот прв извидувачки сателит минатата недела, за кој Пјонгјанг рече дека е дизајниран да ги следи воените движења на САД и Јужна Кореја.
„Денешните акции на САД, Австралија, Јапонија и Република Кореја ја одразуваат нашата колективна посветеност да се спротивставиме на незаконските и дестабилизирачки активности на Пјонгјанг“, рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Нелсон.
Подготвено од А.Ѓ.