Mediumi

28.12.2023 Скопје

Новата проевропска влада вели дека сака медиумите повторно да бидат непристрасни, но се соочува со многу критики.

Новата полска проевропска коалициска влада објави дека започнала процес на ликвидација на државната телевизија, радио и новинска агенција, обвинети во претходните години дека станале гласноговорници на партијата Право и правда (ПиС), која владееше во последните осум години.

Овој потег е дел од предизборното ветување за враќање на непристрасноста на државните медиуми.

Минатата недела, министерот за култура Бартломиј Сиенкиевич го затвори државниот 24-часовен информативен канал ТВП Инфо и ги распушти одборите на јавните медиуми.

Опозициските пратеници од партијата Право и Правда распуштањето го нарекоа незаконско и одржаа протестен перформанс во просториите на државната телевизија.

Претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, додаде дека промените предизвикале „анархија“ и ја повика новата влада да се придржува до правниот поредок.

Сиенкевич рече дека ставањето во ликвидација на државните медиуми ќе им овозможи да продолжат да работат додека се одвива реструктуирањето.

Со тоа би се избегнале и отпуштања на вработени, рече тој и додаде дека Министерството за култура во чија сопственост е, во секое време може да го запре процесот на ликвидација.

Министерот рече дека го направил овој потег поради одлуката на претседателот Дуда да стави вето на владиниот предлог-закон во средата, со кој се предвидени три милијарди злоти (695 милиони евра) за јавните медиуми.

Дуда го објасни ветото со тоа што владата го прекршила уставот со назначувањето на ново раководство.

Претходно во средата, премиерот Доналд Туск рече дека неговата влада сега планира да троши пари од буџетот првенствено за здравство – третман на рак и психијатриска помош за деца.

Роман Ѓертиќ, адвокат кој го застапуваше Туск и сега е пратеник на неговата партија, рече дека одлуката на министерот за култура ѝ дозволува на владата да назначи ликвидатори кои можат да го спроведат реструктуирањето.

Марчин Масталерек, шеф на кабинетот на претседателот Дуда, рече дека со објавувањето на ликвидацијата, владата го признала поразот, бидејќи не можеле да најдат правен начин за промена на управните одбори на државните медиуми.

Групите за човекови права го доведуваа во прашање начинот на кој беа разрешени одборите на директори.

Хелсиншката фондација за човекови права рече дека на државните медиуми им требаат итни реформи, бидејќи тие станаа „пропаганден гласноговорник на владејачкиот табор“ под владата предводена од ПиС.

„Сепак, не можеме да не забележиме дека начинот на иницирање промени во јавните медиуми предизвикува сериозни сомнежи“, велат од групата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author