21.12.2023 Скопје
Бурата Пиа предизвика хаос во ОК, со налетите на ветерот што ги принуди училиштата да се затворат, а некои железнички линии беа откажани.
Поголемиот дел од дождот допрва ќе падне.
Локалните служби и власти ги советуваа граѓаните да не патуваат бидејќи се очекуваат доцнења. Жолто предупредување за тешки временски услови има и низ кралството, а северна Шкотска се очекува да биде најпогодена.
Предупредувањето стапи на сила на полноќ во средата и ќе трае до 21 часот во четврток. На северот на Шкотска ударите на ветерот ќе бидат и до 130 километри на час.
Невремето, кое се очекува да предизвика значителни нарушувања низ целата земја, е под совет за патување, училиштата се затворени, а електричарите се во подготвеност во случај да снема струја.
Предупредувањето ги опфаќа и областите на Белфаст, Њукасл и Манчестер, што може да предизвика хаос на патиштата пред Божиќ.
Воведени се и ограничувања на брзината за возовите кои сообраќаат до и од главниот град на Шкотска, а се известува дека тие нема да сообраќаат кон северозападна Англија до попладневните часови.
„Наш приоритет е да ги заштитиме нашите корисници и колеги, ќе направиме се што можеме за да им овозможиме на луѓето да се движат во тешки услови“, рече Кетрин О’Брајан, директорка на локалната железница.
Во Холандија на аеродромот Шипхол откажани се околу 250 летови, а доцнат уште 150 летови.
Холандија се соочува со силни ветрови во текот на денот, а налетите достигнуваат и до 110 километри на час во крајбрежните области и 80 километри на час во внатрешноста.
Налетите на ветрот може да предизвикаат кршење на гранките од дрвјата и паѓање на ќерамиди од куќите.
Жолтата временска тревога е во сила од 9:00 часот во Северна Холандија, Фрисланд, Гронинген и областа Ваденски Острови, од 11:00 часот во Јужна Холандија, Флеволанд, Дренте, Зеланд и регионот околу Еселмер, додека за остатокот од земјата важи од 13:00 часот.
Подготвено од А.Ѓ.