28.12.2023 Скопје
Наместо да се зголемува, секоја година алармантно се намалува бројот на екипи во брзата помош, и во моментот во земјата недостасуваат околу 52 екипи, за да би можело да се задоволи барем законски пропишаниот минимум према бројот на жители.
Во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации е утврдено дека еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно. Најлоша е состојбата во Струмица и Тетово, каде еден тим покрива дури по околу 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на околу 30.000 жители дневно. Најдобро покриени се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.
Во една смена на итната помош некаде има по 2, на други места по 50 интервенции. „Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди“, е заклучокот од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Како што е наведено во истражувањето, најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, додека Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните.
Подготвено од М.Д.