26.12.2023 Скопје
На веб-страницата на украинскиот парламент доцна синоќа беше објавен предлог-законот кој предвидува намалување на старосната граница за воена мобилизација од 27 на 25 години.
Во овој предлог-закон се прецизира кои украински државјани ќе бидат предмет на упис во воената регистрација на војниците на одредено време, потенцирајќи дека тоа ќе важи за оние кои веќе наполниле 25 години.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров го потпиша образложението во кое се сумирани клучните одредби од предлог-законот, меѓу кои е и „промена на возраста од 27 на 25 години“.
На прес-конференцијата која се одржа на 19 декември, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, истакна дека армијата има предложено да се мобилизираат уште 500.000 Украинци, потенцирајќи дека тоа е „многу чувствително“ прашање за кое армијата и владата ќе разговараат пред да одлучат дали да го испратат предлогот до парламентот.
Тогаш, украинскиот претседател кажа дека сака да слушне повеќе аргументи за мобилизирање дополнителни војници пред јавно да го поддржи предлогот.
Подготвено од А.Ѓ.