https://www.facebook.com/photo.php?fbid=3136571573259864&set=pb.100007211555008.-2207520000..&type=3

28.12.2023 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден, Конгресот и американскиот народ за пакетот воена помош.

Во Украина е испратен пакет од 250 милиони долари, а Зеленски посочи дека ќе ги покрие „најитните потреби на Украина“.

Зеленски на социјалната мрежа Икс (Твитер) изјави дека дополнителните проектили и други компоненти за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје, муниција, опрема за мини и друга опрема, кои се дел од пакетот помош, ќе ги покријат најитните потреби на Украина.

„Американското раководство во коалицијата од над 50 земји, кои обезбедуваат воена помош на Украина, е од клучно значење за спротивставување на теророт и агресијата, не само во Украина, туку и во целиот свет“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека оваа година САД обезбедиле 34 пакети воена помош во вредност од над 24 милијарди долари.

„Донесена е историска одлука да и се обезбедат на Украина авиони Ф-16. Засекогаш ќе бидеме благодарни за сета оваа поддршка“, рече Зеленски.

Тој заклучи дека Киев, со цел да ги брани „слободите и безбедноста не само во Украина и Европа, туку и во САД“, мора да продолжи да одговара на руските напади на „најсилен и најрешителен можен начин“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во средата го објави најновиот пакет помош од САД за Украина за 2023 година, кој вклучува оружје, муниција за противвоздушна одбрана и артилериска муниција во вредност од 250 милиони долари.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author