https://www.facebook.com/photo/?fbid=698033215662282&set=pcb.698034285662175

23.12.2023 Скопје

Иако масовните пукања се речиси секојдневна појава во Америка, тие се поретки во Европа, поради што привлекуваат поголемо внимание на јавноста. Но, масакрот во четвртокот на Филозофскиот факултет во Прага е само еден од серијата престрелки во 21 век во Европа, што ја шокираше јавноста на „Стариот континент“.

Според последните информации, 24-годишен чешки студент во четвртокот уби 15 и рани најмалку 25 лица на универзитет во Прага пред да биде елиминиран. Пред тоа, пишуваат медиумите, го убил својот татко, а се истражува и неговата поврзаност со убиството на триесет и двегодишен маж и неговата двомесечна ќерка во шума во близина на Прага.

Ваквите злосторства извршени со огнено оружје се ретки во Чешка. Во последниве години, беше објавено дека во декември 2019 година, 42-годишен вооружен маж уби шест лица во болничка чекална во источниот чешки град Острава, по што побегна и се самоуби. Во 2015 година, друг маж застрела осум лица, а потоа се самоуби во ресторан во Ухерски Брод. Последниот масакр во Чешка е еден од најсмртоносните во Европа, а ние заокруживме некои од најголемите престрелки во 21 век.

Масакр во училиште во Германија (2002)

Во април 2002 година имаше пукање во германско училиште. Деветнаесетгодишниот Роберт Штајнхаузер отвори оган во Ерфурт откако изјави дека нема да полага тест по математика. Убил 12 наставници, секретарка, двајца ученици и полицаец во гимназијата Гутенберг, пред да си го одземе животот.

Пукање во училиште во Финска (2007)

Во ноември 2007 година, тогаш 18-годишниот Пека-Ерик Овинен застрела и уби шест колеги ученици, медицинска сестра и директор во средно училиште во близина на Хелсинки. Уште 12 лица се повредени, а убиецот на крајот си го одзел животот. Во тоа време, тоа беше само второ пукање во училиште во историјата на Финска.

Пукање во училиште во Финска (2008)

Помалку од една година подоцна, имаше уште едно пукање во Финска. Тогаш 22-годишниот студент Мати Сари отвори оган во стручното училиште за услужна индустрија во Каухајоки во северозападна Финска, убивајќи уште девет студенти и еден член на персоналот пред да се самоубие.

Пукање во училиште во Германија (2009)

Во март 2009 година имаше уште едно пукање во Германија. Тогашниот 17-годишен напаѓач уби девет ученици и тројца наставници во училиште во близина на Штутгарт и уште едно лице во блиската клиника. Тој подоцна беше убиен во престрелка со полицијата. Загинаа и двајца случајни минувачи, со што бројот на загинати се искачи на 16, вклучувајќи го и напаѓачот.

Пукање во рурална Англија (2010)

Во јуни 2010 година, пореметениот таксист Дерик Бирд најпрво го убил својот брат близнак, а потоа семејниот адвокат, пред да ги нападне своите колеги таксисти. Возејќи низ градовите во руралната Камбрија, Бирд пукал со умисла, убивајќи дванаесет луѓе по случаен избор и рани уште 11. Бирд, исто така, се самоуби на крајот на масакрот.

Пукање во Словачка (2010)

Во август 2010 година, вооружениот напаѓач Лубомир Харман застрела шест членови на ромско семејство и уште една жена во главниот град на Словачка, Братислава, пред да се самоубие. Уште 14 лица се ранети. Мотивите на напаѓачите никогаш не се целосно откриени, а тоа е втор најсмртоносен напад во поновата историја на Словачка.

Пукање во Холандија (2011)

Тристан ван дер Влис, тогаш 24, отвори оган во трговскиот центар Ридерхоф во Алпен ан ден Рајн, јужно од Амстердам, во април 2011 година, убивајќи шестмина пред да си го одземе животот. Ван дер Влис, наводно, бил опседнат со пукањето во училиштето во Колумбајн, своевремено најсмртоносното пукање во училиште во американската историја.

Смртоносниот поход на Андерс Брејвик во Норвешка (2011)

Десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик го изврши петтиот најсмртоносен терористички напад во Северна Европа во јули 2011 година во Норвешка. На 22 јули 2011 година, Брејвик се приближи до младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја, преправајќи се дека е полицаец, а потоа случајно отвори оган врз присутните тинејџери. Од нив уби 69. Два часа претходно активираше автомобил-бомба во Осло во која загинаа осум лица. Во неговиот крвав поход загинаа вкупно 77 луѓе, а повеќе од 200 беа ранети.

Објавил манифест од над 1.500 страници, а во август 2012 година бил осуден на 21 година затвор за масовно убиство, предизвикување експлозија и тероризам.

Крвави терористички напади во Париз (2015)

Околу 130 луѓе беа убиени во крвавите терористички напади во Париз во ноември 2015 година. На 13 ноември 2015 година, тројца бомбаши самоубијци нападнаа пред стадионот во Сен Дени, за време на меѓународен фудбалски натпревар, откако не успеаја да влезат на стадионот.

Друга група напаѓачи потоа отворила оган врз преполните кафулиња и ресторани во Париз, а еден од нив активирал експлозив и во тој процес се самоубил. Третиот тим изврши уште едно масовно пукање и зеде заложници на концертот на бендот Eagles of Death Metal во клубот Батаклан, на кој присуствуваа 1.500 луѓе. Токму во тој клуб дошло до конфликт со полицијата. Најмногу луѓе, од кои 90, напаѓачите убија во клубот Батаклан, а загинаа вкупно 130 лица. Повредени се уште 416 лица, од кои речиси 100 критично. Убиени се и седум напаѓачи.

Масовно пукање во Германија (2016)

Во јули 2016 година, имаше уште едно масовно пукање во Германија. Осумнаесетгодишниот германско-ирански тинејџер Дејвид Сонболи отвори оган врз своите врсници во ресторан на Мекдоналдс пред да пука во минувачите на улицата надвор, а потоа и во трговскиот центар во Минхен. Девет лица загинаа, а 36 други се ранети. Сонболи потоа се криел во близина повеќе од два часа и си го одзел животот кога дошло до пресметка со полицијата.

Пукање во салата на Јеховините сведоци во Хамбург (2023 година)

На почетокот на оваа година, поточно во март, се случи масакр во центарот на Јеховините сведоци во Хамбург. Поранешниот член на Јеховините сведоци Филип Фус упадна во центарот за време на богослужбата и уби шест лица пред да си го одземе животот. Ранети се уште осум лица, меѓу кои и седуммесечна трудница која ја изгубила неродената ќерка.

Пукање во Србија (2023)

Регионот беше шокиран од две масовни престрелки кон средината на оваа година, поточно во мај. Прво, на 3 мај, тринаесетгодишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет ученици и еден училишен чувар.

Само еден ден подоцна, пукотници се случија во селата во близина на Младеновац и Крагуевац. Вооружен со автоматска пушка, напаѓачот отворил оган од автомобилот, при што загинале девет лица, меѓу кои и еден полицаец кој не бил на должност, додека други дванаесет се ранети. Осомничениот, 20-годишниот Урош Блажиќ побегнал од местото на несреќата, но следниот ден бил уапсен во близина на Крагуевац.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author