20.12.2023 Скопје
Собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции денеска во Собранието ќе одржат заедничка седница со единствен дневен ред – „разгледување на Нацрт Патоказот за владеење на правото и Нацрт Патоказот за реформи на јавната администрација“.
Оваа седница беше одложена на 11 декември поради, како што беше појаснето, неисполнување на основните законски услови и обврски за започнување на седница од висока тајност.
Александар Николовски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции тогаш побара од присутните членови одложување на седницата поради како што наведе, затворената седница со класифициран материјал од висока тајност, не ги исполнува дадените услови, и предложи следната седница да се одржи на 20 декември.
Седницата на Националниот совет за евроинтеграции треба да е од затворен карактер и имајќи во предвид дека се работи за доста сензитивен материјал, постојат јасни законски процедури и ограничувања на кој начин треба да бидат дистрибуирани потребните материјали до членовите на оваа комисија, до пратениците и до сите оние кои имаат право да учествуваат во работата.
Ова се сосема нови правила и процедури и најверојатно на сите ќе им треба повеќе време да се навикнат и стекнат пракса за да во иднина се користат почесто.
Подготвено од М.Д.