21.12.2023 Скопје
Министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција во Владата соопшти дека лекот „трикафта“, кој им е потребен на пациентите со цистична фиброза, е обезбеден за наредните неколку месеци, потенцирајќи дека дополнително се обезбедени средства за набавка на лекот во 2024 и 2025 година.
„Лекот ‘трикафта’ е веќе на Универзитетската клиника за детски болести. Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија“, истакна Меџити.
Министерот Меџити додаде дека бирократските препреки не смеат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните.
Исто така, на денешната прес-конференција се обрати и медицинската директорка на Детската клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, која истакна дека покрај дванаесетте пациенти што веќе ја примаат терапијата, на секои десет дена лекот ќе го добиваат по уште седум нови пациенти од вкупно 55 кои се на листата на чекање.
Нацева-Фуштиќ додава дека возрасната граница за почеток на терапијата е 12 години, но дозволени се исклучоци доколку се утврди потреба од лекот и кај помлади од 12 години.
Подготвено од М.Д.