meloni i vuchikj

04.12.2023 Скопје

Премиерката на Италија, Џорџија Мелони, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека Италија го поддржува процесот на проширување на ЕУ и Западен Балкан да се приклучи на европското семејство, односно за обединување на Европа, бидејќи тоа не е клуб кој треба да одлучува кој е Европеец, а кој не.

На заедничката конференција за новинарите, Вучиќ посочи дека Италија зазема објективен и суштински пристап кон решавањето на проблемите во регионот и се заблагодари за сите нејзини надворешнополитички напори во насока на решавање на кризите во Западен Балкан.

„Се надевам дека во иднина ќе имаме уште позначајна улога на Италија во сите работи кои се од витален интерес за опстанокот на нашата земја и народ. Ќе знаеме да ја цениме италијанската поддршка и покажуваме дека сме искрени пријатели со нашите италијански партнери“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека Србија е почестена од посетата на Мелони и оти верува оти тоа ќе придонесе за натамошно подобрување на односите меѓу двете земји.

„Посебно сум благодарен што секогаш сакаше да слушне што има да каже Србија и што немаше едностран пристап кон проблемите во регионот“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека Србија има добри односи со неколку италијански региони и наскоро очекува претставници на некои италијански региони.

Вучиќ рече дека и е благодарен на Италија што сите најважни италијански финансиски институции имаат канцеларија во Белград, што ја прави првата регионална централа со комплетна платформа на италијански јавни и приватни субјекти за поддршка на бизнис секторот и неговата интернационализација.

Мелони посочи дека европските институции треба да спроведат сериозен и брз процес за да се гарантира обединувањето на цела Европа.

„За нас е важно Западен Балкан да се приклучи на европското семејство. Ние ќе бидеме со вас на тој европски пат“, рече Мелони, додавајќи дека знае дека Србија ќе има конструктивен пристап во дијалогот со Приштина и дека Италија ја поддржува во тој процес.

Мелони додаде дека Србија и Италија се борат против илегалната миграција и дека за ова имаат исти ставови, оценувајќи дека овие проблеми треба да ги решат на вистински начин.

Таа додаде дека Италија има многу бизниси и компании во Србија, иако смета дека може да има уште повеќе инвестиции и потсети дека 150.000 луѓе во Србија работат за италијански компании.

Ова е прва посета на Џорџија Мелони на Србија откако беше избрана за премиер на Италија.

Мелони е првата жена премиер во Италија, а функцијата ја извршува од октомври 2022 година, кога ја презеде функцијата од премиерот во заминување Марио Драги.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author