12.12.2023 Скопје
Таксата која Софија ја воведе на 13 октомври годинава по реакции од страна на Србија и Унгарија, како и од страна на Република Северна Македонија, отпаѓа.
Таксата од 20 лева/mWh (10 евра) за транзит на рускиот гас низ Бугарија пред почетокот на грејната сезона предизвика загриженост од зголемување на цените и прекини на снабдувањето низ Југоисточна Европа. По бурните реакции од државите кои се директно зависни од количествата руски гас што се внесуваат низ Бугарија, бугарскиот Суд донесе одлука да се укине таксата.
Република Северна Македонија реагираше со барање да се ослободат количините кои ги закупил „Гаспром“ што ќе ѝ овозможи на земјава да бара други извори за снабдување со природен гас. Воедно, незадоволни беа и приватните грчки компании ДЕПА и Митилинеос.
Кирил Петков, копретседател на владеачката партија „Продолжуваме со промените“, по разговорот со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека во моментов ја одложуваат имплементацијата на таксата и работат заедно со Европската комисија и кога таа ќе им даде целосен механизам, тогаш ќе го применат ако воопшто се дојде до таков.
„Оваа такса не треба да биде еднострана од страна од Бугарија. Треба да се работи со ЕК, така што заедно со сите европски земји тој вид на такси може да бидат наметнати, на начин на кој ќе имаат реален ефект и врз економијата на Руската Федерација“, додаде Петков.
Бојко Борисов истакна дека отпаѓањето на таксата е мерка на претпазливост, со цел таа да не биде евентуална сопка на патот на Бугарија кон Шенген.
Подготвено од М.Д.