11.12.2023 Скопје
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, вчеравечер на глобалниот Форум за граѓанско општество истакна дека граѓанскиот сектор е важен набљудувач на работата на секоја влада и затоа нивната улога е од големо значење за секој демократски систем. Воедно, додаде дека односот на државата, односно на владините институции кон граѓанскиот сектор е одраз на демократската зрелост на едно општество.
„Ефикасни анти-корупциски мерки можеме да имаме само ако и граѓанскиот сектор е вклучен во нивното креирање, имплементација и контролата на нивното спроведување“, додаде Грковска.
Форумот, кој го обедини невладиниот сектор, но и претставници на влади од целиот свет, е во организација на Стејт Департментот на САД и Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите Нации (УНОДЦ), како пред-настан на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита од корупција (УНКАК), во Атланта, САД, која почнува со работа од денеска.
Вицепремиерката Грковска учествуваше на панелот кој беше посветен на заштитата и поддршката на граѓанското општество во напорите за справување со корупцијата.
„Справувањето со корупцијата е предизвик, не само за Република Северна Македонија, не само за Западен Балкан, туку на глобално ниво. Токму затоа, преку креирање на долгорочни и одржливи политики, со вклученост на сите општествени фактори, особено на граѓанскиот сектор, можеме да постигнеме конкретни резултати”, истакна Грковска.
Грковска нагласи и дека македонските граѓани покажуаат се помалку толеранција кон корупцијата, што е добар сигнал и уште поголема обврска за надлежните да преземат конкретни чекори за справување со корупцијата.
„Граѓанскиот сектор во Република Северна Македонија има одлична експертиза, особено во делот на корупцијата во јавните набавки, како и за состојбите во правосудството и тоа е од големо значење за креаторите на политиките и за носителите на одлуки, Но, многу е важно при креирањето на мерките да се имаат предвид конкретните специфики на државата, на институциите, на општеството. Само на тој начин може да имаме ефикасни и добро таргетирани мерки“, додаде Грковска.
Грковска се осврна и на соработката со младите, како и на кампањата „Зависи од мене и тебе”, што ја реализира нејзиниот Кабинет, а чија главна порака е дека промените во општеството зависат од сите нас.
Подготвено од М.Д.