severna koreja kim raketa

04.12.2023 Скопје

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека должност на жените е да го запрат опаѓачкиот наталитет во земјата со цел да ја зајакнат националната моќ.

Ким го упати апелот во неделата за време на националниот состанок на мајки, прв од ваков вид во последните 11 години, и рече дека е важно да се запре падот на наталитетот и да се обезбеди добра грижа и образование за децата.

Иако добивањето точни податоци за трендовите на населението во Северна Кореја е исклучително тешко поради ограничените статистички податоци што се објавуваат, јужнокорејската влада проценува дека стапката на наталитет во Северна Кореја постојано се намалува во последните десет години.

Според статистичката агенција на јужнокорејската влада, вкупната стапка на фертилитет во Северна Кореја е 1,79 во 2022 година, наспроти 1,88 во 2014 година.

Тој пад е сè уште побавен отколку во Јужна Кореја, каде што стапката на фертилитет беше 0,78 минатата година во споредба со 1,20 во 2014 година.

Северна Кореја спроведе програми за контрола на раѓањето од 1970-тите до 1980-тите за да го забави растот на населението по војната.

Стапката на наталитет во Северна Кореја нагло опадна по периодот на глад во средината на 1990-тите, кога се проценува дека загинале стотици илјади луѓе, соопшти во август Истражувачкиот центар на Хјундаи со седиште во Сеул.

„Со оглед на тоа дека Северна Кореја нема ресурси и технолошки напредок, таа би можела да се соочи со тешкотии во заживувањето и развојот на својата производствена индустрија доколку не се обезбеди доволно работна сила“, се вели во извештајот на институтот.

Севернокорејските државни медиуми објавија оваа година дека земјата воведе низа бенефиции за семејствата со три или повеќе деца, вклучувајќи повластени бесплатни станови, владини субвенции, бесплатна храна, лекови и образовни бенефиции за децата.

Јужнокорејската агенција за статистика проценува дека Северна Кореја има 25,7 милиони жители.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author