11.12.2023 Скопје
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека тој и неговиот тим во Брисел се подготвуваат за претстојните одвоени разговори со „главните преговарачи на двете страни“.
Лајчак истакна дека неделата заврши со „некои добри вести“, со потпишување на долгоочекуваниот комерцијален договор меѓу електродистрибутивната компанија на Косово КЕДС и Електросевер.
„Ова е важен чекор во имплементацијата на енергетскиот патоказ усвоен со посредство на ЕУ и значи напредок на патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, напиша Лајчак, кој претходно го поздрави потпишувањето на договорот, на својот Х профил.
Тој рече дека поконкретно, тоа значи дека Електросевер ќе започне со снабдување со електрична енергија на општините со мнозинско српско население на северот на Косово, „што ќе стави крај на сегашната нерегулирана практика“.
Лајчак напиша дека имал голем број важни разговори и ангажмани во текот на изминатата недела. Во средата, рече тој, разговарал со членовите на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг, кои беа во посета на Брисел, центарот на европските институции.
„Разговаравме за новиот моментум за европска експанзија и ги информирав за текот на работите во дијалогот и за следните чекори. Благодарен сум на Германија за силната поддршка на мојата работа и нивниот ангажман на Балканот и нивната посветеност на Европската иднина на целиот регион“, напиша Лајчак.
На крајот на неделата, како што напиша, Лајчак беше поканет да зборува на панел во рамките на годишниот самит на пријатели на Европа-ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Тој во својот говор истакна дека за прв пат по долго време ЕУ е подготвена за проширување и дека е „кратко време“ да се искористи можноста да се оди напред со европската интеграција на Западен Балкан.
Подготвено од А.Ѓ.