21.12.2023 Скопје
„Трендот е опаѓачки во делот на квалитетот на средното образование“, изјави ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа академик Абдулменаф Беџети.
Академикот Беџети истакна дека тие кои земаат стипендија кои доаѓаат од средното образование речиси 40% од нив ја губат стипендијата при крајот на првата година.
„Тие не можат да ја ликвидираат годината и не можат да ја постигнат просечната оценка која е предвидена за стипендија. И тоа се покажува во првата година, која е најлесна базична година. Сето ова покажува дека тие оценки што ги добивале во средното образование не се реални“, додаде академикот Беџети.
Тој, воедно, дополни дека надлежните органи во државата треба да се позанимаваат со ова прашање.
„Од друга страна сето ова јас сум го пренел директно на чинителите на јавните политики, дури во еден мој говор тоа го кажав за што поскоро да се преземе нешто во врска со ова. Имаме две групации на ученици, имаме екстра одлични и недостижни кои после се разбира заминуваат во странство веднаш после студиите и тие тука не остануваат поради ниските плати. Но го немаме тој среден слој кој сме го имале десетици години. Потоа имаме еден дел кој едноставно имаат помалку знаење. И треба со нив да се работи дополнително. Ние сега се водиме со мотото да наша обврска е на секој студент кој што влегува и излегува да достигне знаење и професорите се обврзуваат да држат дополнителни часови. Се надеваме дека сето ова ќе биде ставено на дневен ред кај надлежните оти ваквата ситуација го води општествето во лоша насока“, вели академик Абдулменаф Беџети.
Резултитатите од ПИСА тестирањето, спроведено во 2022 година покажуваат дека македонските средношколци се на 61. место според резултатите по математика, а на 71. место по јазична писменост од вкупно 81 држава.
Министерството за образование и наука соопшти дека учениците имаат постигнато 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68. место во Европа.
Подготвено од М.Д.