01.12.2023 Скопје
Годишната стапка на инфлација на потрошувачко ниво, без цените на храната и енергијата, кои американската централна банка (ФЕД) најмногу ги зема предвид во својата монетарна политика, е намалена за 0,2 процентни поени на 3,5 отсто во октомври во споредба со септември, објави денеска американското Министерство за трговија.
Со својата монетарна политика, ФЕД има за цел годишна инфлација од два проценти, но аналитичарите сега се уште поубедени дека нема да има натамошни зголемувања на каматните стапки на состанокот на ФОМЦ во средината на декември. Поради постојаното забавување на инфлацијата, аналитичарите веќе шпекулираат за промена на насоката на ФЕД кон намалување на каматните стапки.
Од март 2022 година, централната банка ја зголеми основната каматна стапка со која банките си позајмуваат пари преку ноќ од практично нула на меѓу 5,25 и 5,50 проценти. И покрај сите предвидувања, тоа не доведе до рецесија и економскиот раст на САД во третиот квартал изнесуваше 5,2 отсто на годишна основа.
Главна причина за тоа се потрошувачите кои во анкетите се жалат на високата цена, но сепак ја зголемуваат својата потрошувачка. Во октомври во однос на септември порасна за 0,2 отсто, што е помалку од септември кога растот беше 0,7 отсто.
За 0,2 отсто бележат и личните приходи во октомври во однос на септември.
Стапката на инфлација на ЈКП во октомври е непроменета на месечно ниво, а три отсто на годишно ниво. Во однос на септември, енергијата во октомври е намалена за 2,6 отсто, а храната поскапе за 0,2 отсто.
Цените на услугите се зголемени за 0,2 отсто, а на стоките за 0,3 отсто. Цените на авионските и здравствените услуги пораснаа, бензините паднаа за 4,9 отсто, а во 11 држави просечната цена падна под 3 долари за галон.
Подготвено од А.Ѓ.