Image by user6702303 on Freepik

11.12.2023 Скопје

Извештајот на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство за здравствените ефекти од климатските промени предупредува дека климатските промени во Обединетото Кралство може да однесат дополнителни 10.000 животи секоја година до 2050 година и да донесат мноштво тропски болести.

Во извештајот се наведува дека екстремните горештини ќе доведат до зголемување на бројот на смртни случаи и други здравствени ефекти, како и дека бројот на смртни случаи ќе се зголеми и поради ниските температури.

Во најлош случат, во извештајот се проценува дека просечните температури би можеле да се зголемат за 4,3 степени Целзиусови, што би го зголемило бројот на смртни случаи поврзани со високите температури за 12 пати до 2070 година.

Исто така, во извештајот се наведува и дека болестите кои се пренесуваат преку инсекти, како што се денга треската или вирусот Зика би можеле да станат пошироко распространети низ Велика Британија поради доаѓањето на видови инсекти од потоплите клими.

Поради зголеменото населување на тигарскиот комарец во поголем дел од Велика Британија, до 2060 година во Лондон би можела да избие ендемска епидемија на денга треска.

Се додава дека до средината на овој век, многу граѓани низ ОК ќе бидат изложени на опасност од поплави, што ќе влијае на нивното ментално здравје.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство истакнува дека многу од овие предвидувања се засноваат на најлошото сценарио, но и дека многу од негативните ефекти на климатските промени врз здравјето на луѓето може да се ублажат со промена на однесувањето.

Меѓу наведените решенија се националните системи за предупредување за екстремно ниски и високи температури, мерки за енергетска ефикасност и заштита од поплави, како и користење на сончева енергија.

Во Англија во 2022 година повеќе од 4.500 луѓе умреле во Англија поради високите температури.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author