19.12.2023 Скопје
Министерството за здравство најави набавка на нови возила за итната медицинска помош. Причината е меѓу другото амортизираноста и застареноста на возилата кои имаат поминато голема километража и се речиси во распаѓање.
Поради тоа Министерствито за здравство изготви Информации за давање согласност за превземање обврски за чие плаќање се потребни буџетски средства од владата. Овие нови возила кои според потребите на медицинските установи во Република Северна Македонија, ќе бидат надоградени со медицинска опрема.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека ова ќе биде една од најголемите набавки на медицински возила во историја на Република Северна Македонија, поради што е посебно горд. Тој истакна дека со оваа набавка на возила и современа опрема ќе можат да се превземаат стручни медицински интервенции, кои ќе бидат клучни за отпочнување на иницијално лечење на пациентот и спасување на животи од страна на итната медицинска помош.
Постапката за оваа јавна набавка на 22 возила за итната медицинска помош со дополнителна медицинска опрема е веќе објавена на Електронскиот систем за јавни набавки на 05.12.2023 година со број 21959/2023, а рокот за поднесување понуди ќе трае до 05.01.2024 година.
Подготвено од М.Д.