04.12.2023 Скопје
Денеска Турскиот институт за статистика – Туркстат објави дека инфлацијата во Турција во ноември порасна за 61,98 отсто на годишно ниво, а за 3,28 отсто на месечно ниво.
На годишно ниво најголем раст има кај услугите во хотели, кафулиња и ресторани – за 92,86 отсто, како и во здравството – 82,13 отсто и образованието – 81,49 отсто, објави сајтот Туркстат.
Алкохолните пијалаци и тутунот поскапеле на годишно ниво за 71,35 отсто, облеката и обувките за 40,72 отсто, а храната и безалкохолните пијалоци за 67,16 отсто.
Годишната основна стапка на инфлација во Турција во ноември изнесува 69,89 отсто.
На 23 ноември Централната банка на Турција (TCMB) ја зголеми референтната каматна стапка на 40 отсто од 35 отсто, објавувајќи дека сегашното ниво на домашна побарувачка, стабилниот раст на цените во услужниот сектор и геополитичките ризици продолжуваат да вршат притисок врз растот на инфлацијата во Турција.
Подготвено од А.Ѓ.