eu znameee

12.12.2023 Скопје

Илјадници демонстранти ќе се соберат во Брисел за да протестираат против новите мерки за штедење во ЕУ.

Министрите за финансии на ЕУ со месеци преговараа за реформа на правилата на ЕУ за ограничување на долгот и дефицитот за земјите-членки, познат како Пакт за стабилност и раст, што ќе ја ограничи способноста на земјите да трошат големи количини и потенцијално ќе ги принуди на штедење.

Пактот, кој се покажа тешко да се спроведе и стана извор на тензии, беше суспендиран за време на пандемијата на коронавирус, но треба повторно да се активира следната година.

Сегашните правила пропишуваат дека вкупниот јавен долг на земјите-членки не смее да надминува 60 отсто од нивниот бруто домашен производ (БДП), а нивниот годишен дефицит да биде под три отсто.

Според последните податоци на ЕУ, највисоки стапки на национален долг во однос на БДП имало во Грција – 166,5 отсто, во Италија 142,4 отсто, додека четири други земји исто така надминале 100 отсто.

Поради тензиите меѓу Германија и Франција, допрва треба да се постигне договор за ревидираните правила.

Сепак, Европската конфедерација на синдикати, која има 45 милиони членови, тврди дека, според сегашниот нацрт на предлог-реформата, 14 земји-членки ќе бидат принудени да ги намалат трошоците за 45 милијарди евра од нивните буџети следната година.

„Според актуелниот предлог, земјите-членки со дефицит над три отсто од БДП ќе мора секоја година да го намалуваат буџетскиот дефицит за најмалку 0,5 отсто од БДП“, соопштија од синдикалната конфедерација.

Се додава дека тоа ќе доведе до помалку работни места, помали плати, намалени јавни услуги и ќе ги остави повеќето земји-членки на ЕУ да не можат да поддржат инвестиции за исполнување на социјалните и климатските цели на ЕУ.

Синдикатите ќе го искористат протестот во главниот град на институциите на ЕУ за да повикаат на мерки кои ги исклучуваат инвестициите за социјални и климатски цели од ограничувањата на трошоците.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author